Македонија
31. January 2019 - 17:49

Заев: Ако има можности ќе ги декласифицираме документите од преговорите за името

Премиерот Зоран Заев најави дека ако постојат законски можности ќе им препорача на институциите да бидат декласифицирани документите од преговорите за името со Грција, од 1992 година до склучувањето на Договорот од Преспа.

– Ако постојат можности во соодветен момент  којшто не би нанел штета на државата ниту на односите со  Грција, лично би им препорачал на институциите да ги декласифицираат и објават податоците,  рече Заев во одговор на прашање од пратеничката Нола Исајловска Старова.

–  Ако објавиме ќе објавиме се што постои секако  ако тоа е возможно и со тоа мислам дека ќе им помогнеме на граѓаните да им биде полесно во целата постапка знаејќи се што се случувало наназад и  се што се случуваше во конечниот дел од разговорите, дополни Заев.

На попладневниот дел од седницата за пратенички прашања Исајловска Старова праша и што се презема за справување со корупцијата, по објавувањето дека Македонија е рангирана на 93. место според Индексот на корупција.

Според Заев,  најважно е да се постават првин контролните механизми. Се надева оти сите заедно со опозицијата во Парламентот ќе се избере новиот состав на Антикорупциска комсија. Порача да не се очекува поддршка за предлози за членови на комисијата блиски до која било партија.

– Не очекувајте да дадеме поддршка на  предлог на некој кој е близок до некоја партија. Македонија е мала држава и се се проверува. Давајте предлози на експерти и кандидати и верувам дека лесно консензуално ќе ги најдеме  вистинските луѓе. Најголемата корупција доаѓа од политиката и од јавните институции. Така било во минатото, така е и сега, така и ќе биде во иднина. Ако сакаме да си ја средиме државата, мораме искрено да ги поставиме првин контролните механизми, рече Заев.

Апелираше до опозицијата заедно да направат избор на директор на Државниот завод за ревизија, како и  сите останати регулаторни тела, кои, потенцираше, треба да бидат независни и не треба да бидат политички избрани