Македонија
22. February 2019 - 12:23

За подобра патната инфраструктура Дебар ќе потроши 71,5 милиони денари

Општина Дебар за подобрување на патната инфраструктура годинава планира да потроши 71,5 милиони денари.

Од вкупниот износ најголем дел ќе биде насочен во изградба и реконструкција на локални патишта, како и улици во градот, во вкупен знос од 67 милиони денари.

-Согласно Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици во општина Дебар за изградба и реконструкција на локални патишта, планирани се средства во износ од 34 милиони денари. Од нив, 12 милиони за реконструкција на дел од патот граничен премин „Блато“-село Бањиште, седум милиони за изградба на локалниот пат кој ги поврзува селата Аме и Бањиште, како и 3,1 милиони за изградба на пат до село Бомово, вели Петрит Пачуку, раководител на Секторот за урбанизам во општина Дебар.

Оттаму посочуваат дека со Програмата за изградба на локални патишта во повеќе села, се предвидени средства во износ од 300 илјади до 1,2 милиони денари.

За изградба и надградба на улици во градот се планирани 33 милиони денари.

-Планираните средства со програмата за годинава, споредено со лани, се помали за 18,5 милиони денари. Тоа од прчина што добар дел од улиците во градот добија нов асфалт, а речиси сите улички во градот и селата се поплочени,посочува Пачуку.
 
За зимско одржување на општински патишта и улици во градот и во селата се планирани два милиона денари, за крпење на ударните дупки на улиците во градот и селата 1,5 милиони и по 500 илјади денари за поставување вертикална и хризонтална сигнализација и за изготување проекти и студии.

Средствата се планира да се приберат од четири извори: Јавно претпријатие за државни патишта Скопје, пет милиони денари, партиципација (општината и месното население) 25 милиони денари, Агенција за рамноправен развој на Република Македонија 34 милиони и донации 7,5 милиони денари.