Македонија
2. October 2018 - 17:54

За лицата над 65 години ќе има и 28.000 бесплатни вакцини против грип -вакцинацијата годинава поскапа од лани

Од оваа година, покрај комерцијалните, за постарата популација над 65 години ќе има и 28 000 бесплатни вакцини против грип. Уште 20 000 вакцини ќе бидат со пари и тие од оваа сезона ќе бидат поскапи бидејќи ќе штитат од четири типа на вируси. Најмногу вакцини ќе има за скопскиот регион, а кога ќе почне имунизацијата надлежните уште не знаат бидејќи не  завршиле постапките за набавка.

На скопјани годинава за прв пат ќе им бидат достапни над 10 000 вакцини против грип. 4000 дози набавува скопскиот центар за јавно здравје, кои оваа сезона за разлика од порано,  ќе штитат од 4 типа на вируси и нивната цена ќе биде поскапа. Останатите кои се наменети за постапри од 65 години со просечна пензија, подпросечна и без примања се бесплатни и нив треба да ги обезбеди Министерството за здравство.

-Побаравме на Комисија, ова да влезе преку Мој Термин и матичниот да ги упатува постарите за вакцина и да ја примаат кај нас на посебно место за да не настанат гужви, вели др. Александар Стојанов епидемиолог во Центар за јавно здравје Скопје.

Скопските епидемиолози незнаат дали ќе ги потрошат сите вакцини, но велат дека според препораките на СЗО, во Скопје треба да бидат имунизирани околу 120 000 граѓани а не 12 000, за да има колективен имунитет.

-Треба и здравствени и полиција, и шалтерски работници, ние секоја година даваме и на болните деца со цистична фиброза. Ќе видиме како ќе биде оваа година, вели др. Стојанов.

Ако досега имунизацијата почнуваше на средината на октомври, сега до 5ти треба да заврши постапката за набавка.

-Министерството за здравство во оваа постапка за разлика од претходните во условите има барано документи со кои се потврдува квалитетот на вакцините. 

Количините ќе бидат распределени според потребите на населението.

Иако надлежните за оваа сезона најавуваа поголема количина на вакцини против грип, според последните проценки, на граѓаните ќе им бидат на располагање околу 50 000 дози.