Македонија
19. May 2017 - 16:14

За четири години Скопје ќе добие нов Клинички центар

Потпишан договорот за изградба на новиот Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Градежните активности треба да почнат летото. Треба да биде готов за 45 месеци од почетокот на градбата. Ќе чини 72 милиони евра, без опремата.  Ќе го градат двете најголеми македонски градежни компании со италијанска фирма. Ќе се простира на површина од 17 хектари.Проектирањето на новите објекти во најголемиот здравствен комплекс во Македонија траело околу 4 години.

-Некои луѓе сакаат нешто да се случи, други посакуваат тоа да се случеше, но оние вистинските прават тоа навистина да се случи. На овој проект јас и мојот тим работевме напорно и посветено. За цело време ја имавме полната поддршка од Владата и од премиерот, но овој проект не е само наш проект, ова е национален проект. Проект на државата Република Македонија. Здравјето не препознава политичка, етничка или каква било припадност и затоа најважно е овој проект целосно и навремено да се реализира со цел што е можно побргу придобивките од новиот клинички центар да ги имаат граѓаните и државата, рече Никола Тодоров, вицепремиер и министер за здравство.

На свеченоста за потпишување на договорот беа присутни менаџери на многу здравствени установи, премиерот Емил Димитриев и поранешниот претседател на Владата Никола Груевски.

-Со овој проект се овозможува највисоко ниво на квалитет на употребени материјали, висока функционалност и безбедност, при што врвен приоритет е третманот на пациентот и неговото олеснето движење и удобност во рамки на објектот. Задоволени се највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност на зградите, објектите ќе бидат интегрирани и од аспект на современо автоматизирано и централизирано управување, ќе се применува пневматски транспорт на биолошки материјал, што досега воопшто го немаше во јавното здравство и бројни други најсовремени технологии при изградба на објекти од ваков тип. Она што го ветивме започнува да се реализира. Нашиот збор се исполнува, заклучува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку Клиничкиот Центар Мајка Тереза се состои од 32 клиники, вработени се 3.400 лица, а низ клиниките годишно минуваат повеќе од 800 илјади пациенти и посетители.