Македонија
7. November 2018 - 14:35

За 47 отсто зголемен бројот на исчистени оџаци во Скопје

 По воведувањето субвенции од Град Скопје за чистење оџаци, од 24 септември до денеска, согласно официјалните податоци на регистрираните оџачари, исчистени се вкупно 342 оџаци во главниот град. Споредено со истиот период во 2017 година, кога биле исчистени 233 оџаци, бројот на исчистени оџаци на територијата на Град Скопје годинава е зголемен за 47 отсто.

Субвенциите за чистење оџаци се една од 27-те нови интервентни мерки со кои градската администрација годинава се справува со проблемот со загадувањето на амбиенталниот воздух.

Град Скопје оваа есен субвенционира 2.000 домаќинства и други субјекти за чистење оџаци. Износот на субвенцијата е 1.000 денари, независно од вредноста на услугата за чистење. За оваа намена во буџетот на Градот се одвоени два милиони денари.

Јавниот повик за субвенции на домаќинства и на други субјекти на подрачјето на Град Скопје за чистење оџаци е отворен до 22 ноември 2018 година и се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.

За да биде извршена исплата на субвенциите при пријавување на огласот, барателот до Град Скопје потребно е да достави неколку документи. Тоа се барање за надомест, кое може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот: www.skopje.gov.mk), доказ за жителство во Град Скопје, со доставување фотокопија на личната карта на барателот, потврда за реализирано чистење, потпишана од стручното лице што го исчистило оџакот.  Треба да се достави и фискална сметка од фирмата регистрирана за дејност чистење оџаци. Фискалната сметка треба да биде  издадена по денот на објавување на повикот и фотокопија од трансакциска сметка.

Според градските власти, оваа мерка дава низа краткорочни и долгорочни ефекти кои вклучуваат подобро согорување што резултира со намалување на трошоците за затоплување, намалување на штетните отпадни гасови, заштита од пожари, заштита на животната средина и природата и друго.

Најголемиот проблем во областа на заштитата на животната средина, со кој се соочува Град Скопје, е нарушениот квалитет на амбиенталниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5).

Согласно истражувањата, со најголем процент во вкупната емисија на овие честички (околу 30 отсто) учествува затоплувањето на домовите кои не се приклучени на централно греење. Ова се должи пред се на нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците.

Во Скопје има само осум регистрирани оџачари, а 45 отсто од вкупниот број на домаќинства во Скопје се грејат на дрва.  Според некои неофицијални податоци, во Скопје има над 60.000 оџаци кои многу ретко се чистат, а согласно тврдењата на експертите во оваа област неисчистените оџаци загадуваат најмалку двојно повеќе во споредба со исчистените.

Познато е дека опасноста од запуштени и неисчистени оџаци е голема. Овен загадувањето на воздухот, ако чистењето не се спроведува редовно загрозена е и безбедноста на корисниците на овие печки. Препорачливо е оџаците да се чистат три пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена.