Македонија
21. February 2018 - 14:08

За 30 отсто ќе се зголеми платата на шумските полицајци

За 30 отсто ќе се зголемат платите на шумските полицајци. Одлуката ќе се применува по првиот ребаланс на Буџетот за 2018 година, информираше денеска портпаролот на Владата Миле Бошњаковски. 

На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата вчера ја разгледала информација за унапредување на работничките права преку Колективен договор со што овластените службени лица во шумска полиција се стекнуваат со право на работа во смени, на ноќна работа и на празник. 

- Ова значи дека со усвојувањето на оваа информација овластените службени лица во шумска полиција ќе имаат околу 30 отсто повисоки примања во текот на секој месец, со тоа што оваа мерка ќе биде имплементирана со првиот ребаланс на Буџетот во 2018 година, изјави Бошњаковски.   

Владата го задолжила МЗШВ во рамки на буџетските можности да пренамени средства од својот буџет и да обезбеди средства за обврските согласно содржината на информацијата.