Македонија
1. September 2016 - 15:31

За 1.200 првачиња од Куманово почна учебната година

Учебната година во Куманово започна навреме за 16.254 ученици од кои 10.988 во основните и 5.256 во средните училишта во Куманово.

Околу 1.200 правчиња се запишаа во шеснаесетте основни училишта во Куманово.

Раковододителот на Секторот за образование Жика Крстевски, рече дека бројките не се конечни  и дека се очекуваат уште деца од ромска етничка заедница кои вообичаено, се запишуваат до средината на овој месец.

- Со тоа бројката во однос на минатата година, кога се запишаа 1.236 деца е отприлика тука некаде, 15 или 20 можеби помалку ќе се запишат меѓутоа, нагласувам дека овој процес докрај не е завршен, изјави Крстевски.

Денеска свечен прием за првачињата се организираше во сите училишта во Куманово.

Градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјановски присуствуваше на свечениот прием во основното училиште „Браќа Миладиновци“ и на учениците им посака успех во учењето.

- Знаењето е неопходно за да се развие добра личност, индивидуа која ќе придонесе за развоја на заедницата, рече Дамјановски.

Директорката на „Браќа Миладиновци“ Марина Манојловска се заблагодари на родителите кои имаа доверба да ги запишат учениците во едно од најстарите училишта во градот.

Манојловска рече дека после 15 години бројката на запишаните првачиња се искачила на 145. Како што соопштија од секторот за образование од Куманово, во училиштата се направени сите подготовки и во однос на техничка подготвка на просториите и во однос на едукацијата и запознавањето на наставниот кадар со новините во воспитно-образованиот процес.