Балкан
21. March 2020 - 20:31

Вучиќ: Во Србија од утре се продолжува полицискиот час од 17-05 часот, вкупно 171 заболен

Ова е најтежок ден за Србија, имаме 36 нови случаи на заболени од коронавирусот, вкупно 171 лице е заболено и овој број ќе расте сè додека не го смениме однесувањето, изјави српскиот претседател Александр Вучиќ на денешната прес конференција за состојбата со епидемијата на Ковид-19, јави дописникот на МИА од Белград.

-На Владата ќе и предложам нова остра мерка, од утре да се продолжи полицискиот час, наместо од 20 часот, тој да почне од 17 часот до 05 часот наутро. Ве молам разберете луѓе, ова е потребно за да преживееме, кажа Вучиќ.

Тој побара граѓаните да не излегуваат од дома, за да не мора уште повеќе да го продолжува полицискиот час.

Вучиќ ги повтори денешните одлуки на Владата, за забраната на движење и во парковите и за дозволата за постарите од 65 години утре, во недела да можат да излезат од домовите, во периодот од 03 до 08 часот, за да можат да ги купат потребните намирници.

Српскиот претседател најави дека Србија ќе почне да произведува заштитни маски, квасец кој го нема во Србија, алкохол, натриум хипохлорид, а најави и голема медицинска помош со два авиони од Кина, помош од ОАЕ, Норвешка и други држави, најавувајќи дека се набавени и респиратори и околу 15 милиони маски.

-Доколку во Србија се случи италијанско сценарио, ние наскоро на Белградскиот саем ќе подготвиме центар со 3000 кревети и 5000 кревети во други центри во државата.
Вучиќ, во лутина кажа дека од 5 март во Србија се влезени 317. 854 лица, повеќето од нив знаејќи дека се заразени со коронавирусот, и ги замоли српските државјани да не доаѓаат во Србија, за, како што кажа да „се лекуваат во Србија, оти лекувањето е џабе“.

На прес конференцијата беше кажано и дека зголемувањето на заболените во Србија се должи на српските државјани кои доаѓаат во Србија и поради непочитување мерките за заштита и ограничување на движењето.