Вучиќ претпладнево на затворен состанок со тимовите задолжени за енергетска стабилност на Србија

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, претпладнево ќе има вонредна средба со тимовите задолжени за енергетската стабилност и безбедност на државата, соопшти Службата за соработка со медиумите на претседателот на Србија.
Средбата ќе биде затворена за јавноста и ќе се одржи во 10:30 часот во зградата на Генералниот секретаријат на претседателот на Републиката.
Одржувањето на тој состанок е во момент кога Србија чека одговор од американските власти на барањето за издавање посебна работна лиценца, додека траат преговорите за продажба на рускиот удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС) што е под санкции од САД поради мнозинска руска сопственост.
Компанијата на 19 ноември соопшти дека поднела барање до САД за нова лиценца за работа, додека преговорите меѓу акционерите и заинтересираните страни за промена на сопственичката структура продолжија.
Американските санкции врз НИС стапија во сила на 9 октомври по неколку одложувања, а за нивно отстранување се бара излез на руската сопственост.
Сопственичката структура на НИС се промени неколку пати, но компанијата се уште е во мнозинска руска сопственост со 56,15 проценти. Ако нема и денеска одговор – рафинеријата и официјално ќе престане со работа.
Целта на американските санкции насочени кон рускиот енергетски сектор, под чиј состав се најде најголемата нафтена компанија во Србија, е да се спречи Русија понатамошно финансирање на инвазијата на Украина.
Властите на Србија, според изјавите на функционерите, сакаат по секоја цена да избегнат национализација на НИС, чии 51 процентни акции беа продадени од државата Србија на руската државна компанија Гаспром Нефт во 2008 година по цена од 400 милиони евра, без тендер.
Официјален Белград, меѓу другото, ја искористи зависноста на државата од руските енергетски извори како аргумент за да не се приклучат кон западните санкции против Русија.
Рафинеријата за преработка на нафта во Панчево, во сопственост на НИС, почна подготовки за прекин на работата, како што објави НИС на 25 ноември. Оттогаш таа рафинерија е во фаза на „топла циркулација“.
„Рафинеријата за нафта во Панчево е клучна и за работата на ХИП Петрохемија, која исто така ќе започне подготовки за прекин на работата во наредниот период“, се наведува во соопштение од НИС. Компанијата ХИП Петрохемија е во сопственост на НИС од 2023 година.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција на 25 ноември изјави дека остануваат уште четири дена до затворањето на рафинеријата, но, без оглед на тоа, тој наведува дека дал предлог да и се даде време на Русија да преговара со свои партнери. Владата на Србија донесе одлука да ѝ даде на Русија 50 дена да најде купувач за својот удел.
„Но, ако нема продажба на НИС по 50 дена, немаме избор и ќе мора да воведеме наша управа во НИС и да им ја платиме на нашите руски пријатели највисоката можна цена“, рече Вучиќ.
Неколку денови подоцна во српскиот Парламент беше поднесен амандман на буџетот со цел – „обезбедување енергетска стабилност на државата“.
НИС побара од САД посебна лиценца за работа додека траат преговорите меѓу акционерите и заинтересираните страни за промена на сопственичката структура. Лиценцата ќе и овозможи на српската рафинерија привремено да снабдува нафта преку Јадранскиот гасовод (ЈАНАФ) додека траат преговорите.
Експертот за енергетика Милош Здравковиќ за РСЕ изјави дека рафинеријата не може „да се исклучи со притискање на копче“ и „не смее само да прекине со работа“.
„Модерна рафинерија како онаа во Панчево мора да работи со капацитет од 40 до 60 проценти, под тоа се станува нестабилно и не може да работи во тој режим ако нема снабдување со нафта“, вели тој. Здравковиќ, исто така, наведува дека прекинот на нејзината работа би довел до фактот дека Србија мора да се потпира на увоз, наместо да има сопствена преработка, што доведува до зголемување на цените на горивата и инфлација.
„Ако рафинеријата не работи шест месеци, би имало корозија, видлива штета на опремата“, вели тој.
Здравковиќ истакнува дека рафинеријата што не работи „го менува статусот на производител во статус на индустриски потрошувач“ бидејќи троши многу електрична енергија само за одржување.
„Цените на горивата растат, со што инфлацијата и притисокот врз буџетот би се зголемиле поради увозот на нафта“, вели тој.
Србија има 29,87 проценти удел во НИС. Остатокот го држат мали акционери.
Пратеникот на Националното движење на Србија (НДС) Борислав Новаковиќ наведе вчера на собраниска седница дека кога рафинеријата за нафта во Панчево ќе престане да работи, ќе престане да работи и Петрохемија, што значи дека на улица ќе останат 2.500 луѓе, и дополнителни 3.500 до 4.000 луѓе кои се кооперанти, додека 12.000 луѓе ќе останат без работа во НИС.
Србија е единствената земја во Европа, заедно со Белорусија, која не се приклучи на санкциите на Европската унија против Русија поради инвазијата на соседна Украина и одржува добри односи со руските претставници дури и по инвазијата.
Од друга страна, Србија е зависна од Русија во областа на енергетиката. Со децении, таа е зависна од увозот на гас од Русија, од каде задоволува повеќе од 80 проценти од своите енергетски потреби.
Народната банка на Србија (НБС) доби предупредување од Вашингтон за можни секундарни санкции поради нејзиното работење со НИС, кое е под санкции на САД.
Затоа централната банка најави прекин на трансакциите за плаќање со НИС, доколку компанијата не добие лиценца за работа од САД. Истото соопштение дојде и од Здружението на комерцијални банки.
Секундарните санкции вклучуваат казнување на поединци или компании за работење со субјекти кои се под примарни санкции на САД.
МИА
Ново на Сител
-

Како „Везилка“ ќе ја ткае паметната иднина? | Димитар Трајанов и Пешевски | Sitel Podcast 129
-

Филипче: Вечерва ќе побарам да се повлечат сите членови на ИО, новите членови ќе бидат избрани за две недели
-

Уставната судијка Дабовиќ поднесе оставка
-

Уапсен е сопственикот на кравите во Крива Паланка | ВИДЕО
-

Путин: Русија не сака војна, но ако Европа ја сака - подготвени сме
-

Одбраната ги оспорува обвиненијата за пожарот во „Пулс“, судењето продолжува на 4 декември
-

Исплатата на пензиите продолжува редовно, постапката во Уставниот суд не менува ништо во сегашниот модел
-

Одбраната на Јованов: Обвинението против Михаил Јованов се темели само на тоа што е син на сопственикот на „Пулс“
