Македонија
17. August 2015 - 8:19

Вториот циклус од караванот на ДПМ посветен на втемелувачите на современата литература

Друштвото на писатели на Македонија ќе го посвети вториот дел од циклусот поетски каравани на книжевните великани и втемелувачи на современата македонска литература како што се Кочо Рацин, Ацо Караманов, Блаже Конески, Гане Тодоровски и Анте Поповски.

Вториот дел од поетскиот караван ДПМ го најави за септември, октомври и ноември во Велес, Радовиш, Кожле, општина Ѓорче Петров, на манифестацијата „Средба на генерациите“ во ДПМ и на Филолошкиот факултет во Скопје.

Во рамки на годинашниот циклус поетскиот караван на ДПМ гостуваше во Свети Николе, Крива Паланка, Битола, Штип, Тетово, општина Илинден, Македонски Брод, Лазарополе, Демир Хисар, а настапи и на Фестивалот на детското литературно творештво „Ракатки“.

До крајот на годината поетите на ДПМ ќе го продолжат караванот и во Крушево, Гевгелија, Куманово и Кавадарци.

Циклусот поетски каравани Друштвото на писателите на Македонија го реализира во рамки на проектот за дисперзија на културните настани во земјата. На манифестацијата учествуваат 90 поети од сите генерации.