Свет
18. December 2015 - 8:30

Врховниот суд на Бразил донесе одлука со која се зголемуваат шансите за опстанок на функција на Русеф

Федералниот врховен суд на Бразил вчера донесе одлука дека Горниот дом на Парламентот има одлучувачки глас при разгледување на барањето за импичмент на претседателката Дилма Русеф, со што се зголемуваат нејзините шанси да остане на функцијата.

Според досега усвоениот ред на разгледување на прашањето за импичмент, при гласање во Долниот дом на Парламентот, Русеф требаше да биде времено отстранета од функцијата. Со одлуката на Врховниот суд, Сенатот добива право да го повлече решението на Долниот дом.

Бразилските медиуми објавуваат дека Русеф ја има поддршката на мнозинството сенатори, но не и на пратениците во Долниот дом.

Освен тоа судот ја повлече и одлуката за формирање специјална комисија за разгледување на импичментот, каде поголем број членови се од опозицијата.