Македонија
26. March 2018 - 9:52

Врховен треба да ја соопшти одлуката за притворените од 27 април

Врховниот суд на Република Македонија денеска треба да ја донесе одлуката по жалбите за притворите на пратениците и другите осомничени за настаните во Собранието на РМ од 27 април минатата година.

Според претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, судот не доцни со решение, туку се работи за сложен предмет за кој не може да се очекува да има брза одлука. Тој во вчерашната изјава посочи дека предметот е во судот помалку време отколку што беше во Обвинителството и дека одлука најверојатно ќе има денеска.

Рокот од 48 часа за донесување на решението по однос на жалбите на притворените истече во четвртокот.

Осомничени за настаните од 27 април се 35 лица, меѓу кои пратеници, организатори на протестот и вработени во МВР. Тие според обвинението се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата.