Македонија
24. January 2021 - 8:55

Времето денес прoменливо облачно, попладне врнежи од дожд, на планините од снег

Времето денеска претпладне ќе биде прoменливо облачно, попладне почнувајќи од запад со врнежи од дожд, на планините од снег. Во вечерните и ноќните часови врнежите ќе се прошират на секаде и ќе се интензивираат, особено во западните делови (над 25л/м2) каде на места ќе бидат поројни и проследени со повремено силен југозападен ветер.

Според УХМР, на планините снежната покривка значително ќе се зголеми, а поради ветерот ќе има услови за појава на снежни наноси. Минималната температура ќе биде во интервал од два до осум, а максималната ќе достигне од седум до 14 степени.

Во Скопје прoменливо облачно, кон крајот на денот и во текот на ноќта со врнежи од дожд кои повремено ќе бидат со умерен интензитет. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до три, а максималната ќе достигне до 10 степени.

Во понеделник во текот на денот ќе преовладува сончево време со умерена облачност и со умерен до засилен југозападен ветер. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд, на планините од снег, пообилни во западните делови. Поради продор на студена воздушна маса врнежите ќе преминат во снег и на некои од повисоките места. Снежната покривка дополнително ќе се зголеми, а поради засилениот ветер ќе има услови за појава на снежни наноси.

Во вторник и среда ќе преовладува студено време со засилен северозападен ветер и со повремени врнежи претежно од снег.