Македонија
27. February 2020 - 11:54

Возачот на камион негативен на корона - Патниците од комбето засега во домашна изолација

Заразената 50 годишна жена со корона е во добра состојба, потврди министерот Филипче.

Засега 30тина лица се во домашна изолација - 9те патници од комбето и нивните семејства со кои биле во контакт. Ги чува полиција, а дали така ќе биде и наредните денови ќе одлучува Управувачкиот комитет на ЦУК на денешниот состанок.

Не е исклучена можноста како што кажа Филипче да бидат сместени во одредените инфективни болници за изолација, доколку така побараат од МВР. 

Инаку, возачот на камион кој синоќа побарал помош на Инфективна е негативен на корона вирусот, а се чекаат резултати и за една жена која со сопругот била во Рим. 

Директорот на СЗО за Европа Ханс Клуге кој од синоќа е во нашата земја по посетата на Италија каде има десетина починати од ковид 19, вели дека Македонија ги презема мерките што ги препорачува СЗО. Порача дека не треба да има паника, но владите да бидат подготвени за откривање и лекување на болни.

Сања Димитровска