Македонија
15. February 2019 - 12:20

Возачот на автобусот имал казна за непочитување на возниот ред

Државниот инспекторат за транспорт последна контрола на автобус на компанијата „Дурмо турс“ направил лани во ноември. Инспекторите утврдиле дека има уредна документација, но возачот добил казна поради непотичување на возниот ред.

-Инспекторите констатирале дека автобусот е сосема исправен во однос на она што ние го контролираме. „Дурмо турс“ има лиценца со важност од пет години за меѓународен и меѓуопштински сообраќај, има дозвола, а имале и дозвола за техничко-експлоатациони основи, документ што го издаваат станиците за технички преглед. Контролата е направена на 16.11.2018 година на автобуската станица во Кичево. Возачот добил казна за непочитување на возниот ред, односно застанал да прими патници, на место што не е предвидено за застанување, изјави директорот на Инспекторатот, Руфат Хусеини.

Од „Дурмо турс“ изразија сочувство до семејствата на загинатите и повредените, но причините за трагедијата, велат дека ќе ги очекуваат од истрагата.

„Кобен ден и голема трагедија за компанијата, за повредните, за семјествата на починатите и за целата држава. Немаме зборови за сочувство на загинатите и семејствата. На повредниете им посакуваме брзо оздравување. Очекуваме допрва институциите да излезат со конечна анализа и истрага за причините од трагичната сообраќајна несреќа“, велат од Дурмо - Турс.