Македонија
15. July 2015 - 13:26

Воспоставување Национална база на податоци за лица со инвалидност

Комисијата за труд и социјална политика на денешната седница го разгледа Предлог-законот за национална база на податоци за лица со инвалидност, во прво читање и оцени дека е прифатлив и може да се даде на натамошно, второ читање. 

Раководителот на секторот во Министерството за труд и социјална политика Ирена Ристевска образложи дека целта на донесување на овој закон е да се воспостави единствена база на податоци на лица со инвалидност, дефинирана како национална база. Таа ќе содржи лични податоци за лицето, име и презиме, матичен број, основната дијагноза на болеста, правото што го остварува лицето, дали е од траен или од времен карактер и дали може или не може да се оствари некое право. 

- Базата ќе ги содржи податоците за остварени права од пензиско, инвалидско, здравствено осигурување, социјална, детска и боречко-инвалидска заштита. Базата ќе содржи податоци за децата родени со инвалидност од самиот процес на раѓање, како и за деца кои се вкучени во образование, од основните, средни и специјални училишта, рече Ристевска.

Се предлага оваа база да се води во Управата за електронско здравство, преку користење на електронскиот информатички здравствен систем или познат како „Мој термин“.

Внесувањето на податоците ќе го вршат овластени лица од повеќе институции, како министерствата за труд и социјална политика, за образование и наука, Управата за електронско здравство, Агенцијата за вработување на Република Македонија, Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија и Центрите за социјална работа и јавните и приватни здравствени установи. 

Според Законот, како што рече, се предлага Комисија што ќе управува со целиот процес на базата, која ќе биде формирана од претставници од повеќе институции.

- Законот се предлага да важи од 1 јули 2016 година. Институциите веќе почнаа да ги внесуваат податоците во оваа база, која ќе се надградува. Додека да стапи во сила законот ќе се формира оваа Комисија и тимот за управување со податоците, рече Ристевска. 

Благородна Бојаџиева истакна дека законот првпат се носи во Република Македонија. Основата на законот, како што рече, е авангардна, исклучително позитивна и нуди многу системски решенија.

- Министерството за труд и социјална политика и Владата докажуваат дека се одговорни и оти се грижат за одредена категорија на граѓани, рече Бојаџиева. 

Законот го поддржа и Мирсада Емини-Асани која рече дека се работи за посебна категорија на граѓани, со инвалидност и додаде оти нив треба да им се олесни животот.