Македонија
13. January 2017 - 13:49

Вонредна дезинфекција и дератизација во штипските градинки и училишта

Во сите градинки, основните и средни училишта во Штип деновиве е извршена вонредна дезинфекција и дератизација, согласно препораките на Министерството за здравство со цел справување со ширењето на грипот.

Според Марија Џонова-Попова од Одделението за образование во Општина Штип, намален е бројот на децата во штипските детски градинки, каде поради ниските температури и грипот родителите, превентивно не ги носат децата во градинките.

Во дветте детски градинки „Астибо“  и „Вера Циривири-Трена“ и нивните клонови во населбите од вкупно запишани 1.450 деца, дневно во нив се згрижуваат околу 200 деца.

- Сведоци сме сите дека изминатиот период нашата држава ја зафатија поларни температури, па затоа голем дел од родителите одлучија дечињата да не ги пуштаат во градинка. Меѓутоа и покрај ниските температури, градинките се целосно спремни за овој период. Резервите со нафта се на завидно ниво, сите простории се топли, дури градинките располагаат и со дополнителни грејни тела, доколку е потребно да се вклучат, за да се затоплат просториите, вели Џонова-Попова.

Советничката во Одделението за образование во општина Штип Соња Николовска, денеска соопшти дека во основните и средни училишта деновиве извршена е вонредна дезинфекција и дератизација согласно препораките на Комисијата за спречување на заразни болест. Во штипските основни и средни училишта нема технички проблеми со парното греење, додека техничките служби превенираат да не дојде до замзрнување или дефект во училиштата.  Нафта и огревно дрво има во доволни колчини за второто полугодие на учебната 2016-2017 година, кое ќе почне на 23. јануари.