Свет
19. May 2018 - 9:54

ВО ЖИВО: Се е подготвено за кралската венчавка, Хари и Меган ќе танцуваат на песната која сите ја обожаваат

Принцот Хари и Меган Маркл ќе се венчаат денеска во капелата на дворецот во Виндзор, а самата церемонија на самото место ќе ја следат 600 луѓе, а преку ТВ целиот свет.

Венчавката ќе почне во 12.00 часот на пладне.

Уште рано утрово во Виндзор се собраа илјадници обожаватели, но и силно обезбедување чекајќи ја раскошната венчавка на британскиот принц Хари (33) и американската актерка Меган Маркл (36), која почнува на пладне.

Возбудените граѓани, штом се раздени над камените ѕидини на Дворецот Виндзор, резиденцијата на британското кралско семејство, почнаа да се собираат зад безбедносните бариери, а многумина беа нагрнати со британски и американски знамица, додека полиција патролира на улиците, вооружена со полуавтоматско оружје и ја нагледува околината од блиските покриви.


-Ова е момент кога сите може да ја славиме преродбата на кралското семејство. Ова е момент кога целата земја може да се обедини, наместо да биде поделена. Ова е ден кога може да гордееме што сме Британци, вели Кени Мекинли (60) од Шкотска.

Се очеквуа над 100.000 обожаватели да ги преплават тесните улички на Виндзор, гратче на околу 30 километри западно од Лондон, а во ова место пристигнаа и стотина телевизиски екипи.

Безбедноста е засилена, а посетителите мора да поминат низ полициски контролни пунктови поставени околуд ворецот, кој бил дома на 39 англиски монарси од 1066 година.

Нумерата „Stand By Me“ ќе биде една од песните кои ќе бидат изведени во текот на службата, наведоа британските медиуми.

Бакингемската палата објави дека принцот Хари и Меган Маркл добија титули војвода и војвотка од Сасекс.

Најголемо медиумско внимание деновиве предизвика приказната за тоа кој ќе ја испрати Меган до олтарот.

На крајот беше договорено, наместо нејзиниот татко кој е болен, тоа да го стори принцот Чарлс, таткото на Хари.

-На принцот од Велс ќе му биде мило на овој начин да и искаже добредојде на Меган Маркл во кралското семејство, наведе Кенсингтонската палата.

Британската кралица Елизабета II и официјално минатата недела го даде својот „благослов“. Според британскиот закон, првите шест во линијата за наследување на престолот мора да добијат дозвола од кралицата за венчавка.