Балкан
21. May 2016 - 17:07

Во Загреб протести „за“ и „против“ абортусот

Во организација на Граѓанската иницијатива „Движење за животот“ на Плоштадот на кралот Томислав во Загреб изутрината околу десет часот се собраа неколку илјади противници на абортусот, а на соседниот Плоштад на Штросмајер се одржа контрапротест на кој се собраа околу стотици активисти, кои се залагаат за правото на избор, јави Хина.

Голем број учесници во собирот против аборутсот носеле маици и балони со црвена, бела и сина боја на кои пишуваше „Движење за живот“. 

Според новинарските проценки во поворката имало околи три илјади лица, додека иницијативата соопшти дека имало околу 15 илјади граѓани.  Меѓу учесниците беше и сопругата на премиерот, Сања Орешковиќ со ќерките. 

Иницијативата ја сочинуваат повеќе католичко-конзервативни здруженија, меѓу кои и „Во име на семејството“, кое во 2013 година иницираше референдум за брак како заедница меѓу маж и жена.

Истовремено граѓанската иницијатива „Обрана на правото на избор“ одржа контрапротест, кој го поддржаа и претставници на опозициската Социјалдемократска партија.

Заговорниците на правото на абортус на својата главна бина поставија транспарент „Само во секуларна држава рамноправноста е можна и не сакаме назад кон илегален абортус“. 

Учесниците во протестот против абортусот, кои тргнаа кон Плоштадот на бан Јелашиќ, на Плоштадот на Штросмаес беа дочекани со исвиркувања од страна на заговорниците на правото на абортус. Во еден момент дошло до меѓусебно туркање на спротивставените групи, но се минало без поголеми инциденти.

Двата протеста се обезбедувани од полицијата.