Македонија
25. January 2017 - 17:23

Во Велес се намалува бројот на заболени од сезонски грип

Според податоците од Центарот за јавно здравје во Велес минатата недела се регистрирани 58 заболени од сезонски грип, што е најмалку од почетокот на годинава.

Епидемиологот д-р Билјана Трајкова информира дека во првата недела од јануари имало 210 заболени, а во втората недела 75 заболени или вкупно за три недели во Велес се регистрирани 343 заболени од сезонски грип.

- Споредено со декември кога имаше 1.756 заболени, бројот на болни во јануари се намалува. Опасноста од сезонски грип е се уште приусутна, затоа што од понеделникот почна второто полугодие за учениците. За тоа како ќе се движи бројот на заболени ќе сумираме на почетокот на идната недела, потенцира д-р Трајкова.

Таа информира дека стручни екипи на ЈЗУ Центар за јавно здравје, според препораките на Министерството за здравство, со цел да се сузбие сезонскиот грип и овчите сипаници-варичелата, од крајот на декември до минатата недела извршиле дезинфекција на сите градинки и училишта во Велес. Неделава дезинфекција се изведува и во училиштата во селата во поширокиот велешки регион.