Македонија
2. March 2017 - 21:34

Во Велес мирен протестен марш на иницијативата „За заедничка Македонија“

Велешани вечерва со протестен марш изразија поддршка на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. 

Маршот започна од пред споменикот на Панко Брашнаров во новиот дел на Велес, продолжи низ главната улица и заврши во центарот на градот.

Учесниците ја искажааа својата решеност да истраат во напорите за зачувување на унитарноста на државата, името, грбот и знамето.

Спортистот Панче Ќумбев порача дека Македонија ќе остане каква што е и нема да дозволат никој да ја дели.

- Да создадеме подобра иднина за нашите деца и идните поколенија, а ова што ни се случува денес е големо искушение за нас како држава. Меѓутоа ние сме покажале и ќе покажеме дека интересите на државата се над се и пред се, а сите политичари ги замолувам да ги тргнат настрана личните интереси бидејќи се работи за нашата татковина, рече Ќумбев.

Александар Кукулев повика да се обединат сите за иднината на Македонија. -  За нас не е прифатливо било какво редефинирање на Македонија, неприфатлив е секој обид за промена на уставниот статус на македонскиот јазик, исто како и обидите за промена на знамето, грбот и химната. За нас е неприфатливо мешање во внатрешните работи од било кој главен град од соседните земји. Ги повикуваме политичките партии и институциите уште еднаш да ја преиспитаат содржината на Тиранската декларација која со самото донесување го наруши мирот и спокојот на сите граѓани во Р. Македонија, истакна Кукулев.

Од името на граѓанската иницијатива се обрати Веле Алексоски, кој потсети на ставовите за зачувување на Македонија. Тој им порача на, како што рече, странските емисари да не се мешаат во внатрешните работи на државата.