Македонија
11. October 2017 - 13:08

Во Тетово одбележан Денот на народното востание

- Со свеченост пред споменикот на револуцијата во центарот на Тетово претставници на повеќе здруженија, политички партии, граѓани и ученици го одбележаа 11 Октомври - Денот на народното востание. Чествувањето во организација на општинската организација на Сојузот на борци - Тетово, започна со интонирање на македонската химна и едноминутно молчење во чест и слава на сите загинати борци за слободата на Македонија. 

- Со гордост ќе спомнеме за 11. Октомври 1941-та година кога уште еднаш се разгоре македонскиот револуционерен дух, решен овојпат и по цена на многу жртви и со крајни напори да му стави крај на повеќегодишното ропство, решен да му се спротистави на помоќниот и подобро вооружен окупатор и да ја изведе Македонија на широките патеки на слободата. Вековните идеали на македонскиот народ конечно беа остварени по четиригодишната народно – ослободителна војна кога на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински беше одржано Првото заседание на АСНОМ на кое беа удрени темелите на современата македонска држава. Тогаш првпат македонскиот народ ја доби долгоочекуваната слобода во рамките на тогашната нова југословенска заедница со што практично беа остварени илинденските традиции на македонските револуционери, рече во својот говор претседателот на Сојузот на борци од Тетово Јоцко Димитриески.

Оваа година, додаде тој, овој светол ден 11-ти Октомври го прославуваме со гордост и со почит за неговото значење што придонесе денес да се живее во слобода за кој македонскиот народ долго копнеел. 

Во рамките на денешното одбележување на Денот на народното востание цвеќе пред споменикот на Револуцијата положија делегации на општина Тетово, општинската организација на Сојузот на борци Тетово, нивните соборци од Сојузот на борци од Штрпце, од тетовскиот гарнизон на АРМ, резервни воени офицери,  ОК на ВМРО-ДПМНЕ Тетово, ОО на СДСМ Тетово, ОК на ВМРО – Народна Партија, како и здруженијата на пензионери Тетово, Здружението „Срби и Македонци“ „КУД Бранко Чајка", Одборот на бранители, Сојузот на воени инвалиди, Македонски херои 2001  и ученици од основното училиште Андреа Савески – Кикиш од Тетово.