Македонија
28. January 2016 - 14:07

Во Тетово еднодневна обука „Застапување на родовата еднаквост во локалните политики“

Триесеттина претставници од повеќе невладини организации од деветте општини во полошкиот регион учествуваа на денешната еднодневна обука што во организација на Здружението за унапредување на родовата еднаквост „Акција Здруженска-Скопје“ во партнерство со Институтот за развој на заедницата од Тетово се одржа во Тетово на тема „Застапување на родовата еднаквост во локалните политики“.

Извршната директорка на „Акција Здруженска“ Марија Савова посочи дека во рамки на проектот спровеле две темски истражувања - еднаквост во одлучувањето и промоција на родовата еднаквост во полошкиот регион, кои покажале дека има голем број недостатоци во овој поглед поради што и целта на обуката е активистите од НВО организациите од полошко да развијат вештини, техники и способности со кои би застапувале решенија на проблемите со кои се соочуваат жените за прашањето на еднаквоста кај локалните власти.

- При нашите истражувања дел од заклучоците се дека слабите напори со справувањето на родовите стереотипи кажуваат оти постои непрепознавање на родовата нееднаквост како значајно општствено прашање, како и дека вклучувањето на граѓаните особено жените во процесите на одлучување е многу мало. Поради тоа и дел од нашите препораки се дека потребно е образование и зајакнување на капацитетите на општинската администрација за вклучување на родовата перспектива во процесите на планирање на програмите и буџетот, воведување на специјални мерки што би овозможиле полесен пристап до основните социјални услуги за жениет особено од руралните средини и маргинилизираните групу и слично, изјави Савова.

Обуката се реализираше во рамки на проектот „Меѓугранична еднаквост и родова интеграција“ поддржан од ЕУ во рамки на ИПА инструментот за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово. Во обуката покрај „Акција Здруженска“ од Скопје и ИРЗ од Тетово учествуваат и две невладини организации од Косово -Косовски центар за родови Студии од Приштина и Центар за советување и поддршка на жените „Дора Дорс“ од Призрен.