Свет
7. July 2017 - 10:56

Во судирите во Хамбург повредени 111 полицајци

Вкупно 111 припадници на германските безбедносни сили се повредени во текот на минатата ноќ и претпладнево во Хамбург, во судири со учесниците на протестите против Самитот на Групата 20 најразвиени земји во светот (Г-20), што почнува денеска во овој германски град, соопшти полицијата.

Засега нема информации за повредени или приведени демонстранти.

Како што јави ДПА, во полициското соопштение се наведува дека припадниците на силите на редот утрово успеале да ги потиснат антиглобалистичките демонстранти од улицата по која „најверојатно ќе мине“ делегацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. 

При акцијата за потиснување на демонстрантите полицијата користела и водени топови.

Претходно беше соопштено дека група антиглобалисти нападнале полициска станица во реонот на Алтона во Хамбург.  Во тој дел од градот демонстрантите запалија и неколку полициски возила, а регистрирани се и нови судири меѓу антиглобалистите и полицијата.

- Федералната полиција почна операција против лицата со насилно однесување, кои фрлаат Молотови коктели и палат полициски возила во Алтона, се посочува во соопштението од полицијата.

Локалните власти соопштија и за пожар во магацин на салон за автомобили. Во гаснењето на огнот учествуваат повеќе од 60 пожарникари.

 

Се уште не е познато дали пожарот е поврзан со синоќешните протести на антиглобалистите во Хамбург.

Непознати лица, за кои се претпоставува дека се анархисти, вчера подметнаа пожар во автосалон на „Порше“ во Хамбург, при што изгореа десет автомобили.