Балкан
1. March 2018 - 9:05

Во Србија објавен црвен метеоаларм

Хидрометеоролошкиот завод на Србија за денеска до недела прогласи црвен метеоаларм што значи дека се прогнозираат „особено опасни временски појави“.

Денеска, утре и во сабота, во повеќе делови од земјата во сила ќе биде црвен метеоаларм затоа што според прогнозите на метеоролозите ќе биде исклучително студено, а ќе врне и дожд кој ќе се замрзнува на тлото.

На сајтот на РХМЗ е објаснето дека црвениот метеоаларм значи дека се „прогнозираат особено опасни временски појави, со таков интезитет што ќе можат да предизвикаат голема материјална штета и да бидат многу опасни за безбедноста на луѓето и животните“.

Според прогнозата, денеска претпладне ќе биде ведро и исклучително студено, во повеќето места со најниска температура од минус 20 до минус 14 степени Целзиусови.

Во текот на денот ќе дојде до постепено наоблачување од југозапад, а подоцна попладне и вечер на места ќе врне снег.

Утре во текот на денот и в сабота претпладне на места ќе врне дожд кој ќе смрзнува на тлото. До крајот на периодот, до 8 март, ќе биде променливо облачно и потопло, а во некои денови ќе врне слаб дожд.