Балкан
7. May 2020 - 15:46

Во Србија нови 57 случаи на заразени со коронавирус и три починати лица

Србија досега има евидентирано 9.848 заразени лица со коронавирус, 206 починати и 2.160 излечени граѓани, јави дописникот на МИА од Белград.

Од вирусот во изминатите 24 часа починати се три лица, со што вкупниот број на починати се зголеми на 206 граѓани, со просечна возраст од 67,82 години, соопштија на владиниот сајт ковид.рс.

Во изминатите 24 часа, тестирани се 5.521 лица, од кои позитивни на вирусот се речиси двојно помалку од вчера или 57 граѓани, или 1,03 отсто од тестираните..

Во Србија досега се тестирани 122.995 граѓани.

Според денешните податоци, најмногу новозаболени има во Белград (21) и во Лесковац (20).

 

Се намалува и бројот хоспитализирани во ковид болниците и во привремените центри, во кои заклучно со денес има 1.710 пациенти, од кои со влошена клиничка слика и на респиратор се 48 лица.

 

Во Србија, со укинувањето на вонредната состојба од денеска веќе нема полициски час и забрана за движење. Но, остануваат вонредните мерки, бидејќи и понатаму на сила е прогласената епидемија од посебено значење.

Владата со соопштение ги потсети граѓаните и стопанствениците дека и натаму имаат обврска да ги почитуваат заштитините мерки се додека трае опасноста од ширењето на вирусот.