Свет
13. October 2018 - 13:13

Во сообраќајна несреќа во Грција изгореа 11 бегалци и мигранти

На регионалниот пат меѓу грчките градови Кавала и Солун, во сообраќајна несреќа рано утрово животот го загубија 11 лица откако комбето во кое што се превезувале се судрило со камион, а двете возила се запалиле.
 
 Според грчките медиуми, 11-те лица кои изгореле живи биле бегалци и мигранти. Поради тоа што телата биле јагленосани, идентификација ќе оди преку судска медицина и ДНК примероци.
 
Како што јави дописничката на МИА од Атина, причините за несреќата за сега се непознати, возачот на комбето кое се движело накај Солун, најверојатно поради големата брзина изгубил контрола и се судрил со камионот што доаѓал од спротивна насока. Ударот бил силен и се запалиле и двете возила. Возачот на камионот во последен момент успеал да го напушти камионот и да се спаси.
 
Во јуни годинава, за помалку од еден месец, на речиси истиот пат, во две различни сообраќајќи, како што тогаш објави МИА, животот го загубија девет лица.