Македонија
5. November 2019 - 12:26

Во собраниска процедура нов закон за заштита на помалите етнички заедници

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска во прво читање го поддржа Предлог-закон за правата на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението во Република Северна Македонија. Комисијата одлучи во меѓувреме да се одржи јавна расправа на која ќе бидат изнесени сите забелешки на предложениот закон.

Главна цел на овој закон е да се подобри состојбата со имплементација на правата на заедниците, да се олесни следењето на степенот на нивното остварување и да се обезбеди надзор над реализација на овие права од страна на институциите на централно и локално ниво.

Никола Прокопенко, државен советник во Министерството за правда истакна дека овој закон е резултат на анализите на спроведувањето на постојниот законски текст, што беше донесен 2008 година, кои покажале одредени слабости.

– Имајќи го предвид фактот дека се менуваат повеќе од една третина од одредбите на постојниот закон, се пристапи кон изготвување на нов закон, а не на измени и дополнувања на постојниот. Клучните новини се однесуваат во неколку сфери. Суштината на законот, односно правата на придадниците на овие заедници не се менуваат,  рече Прокопенко.

Енес Ибрахим, пратеник од Партијата за движење на Турците, истакна дека е задоволен што се носи еден нов закон за регулација на оваа сфера, но, најави дека ќе поднесе амандмани за негово подобрување, бидејќи, како, што рече предлогот претрпел измени од верзијата што била пратена до Министерство за правда и оваа што сега е испратена во Собранието.

Пратеникот Јусуф Хасани, од Демократската партија на Турците на Македонија, истакна дека уште во 2014 година била формирана работна група за оценка на спроведувањето на постојниот Закон и резултатите од спроведувањето и оти уште тогаш било констатирано дека има недостатоци и не ги задоволува барањата за заштита и унапредување на правата на помалите етнички заедници. Тој рече дека на јавната расправа очекува поддршка од сите пратеници и за донесување на законот и за амандманите кои ќе бидат поднесени.