Свет
30. November 2017 - 8:05

Во Словенија конференција за борба против тероризмот

Претставници на влади на држави од Југоисточна Европа, регионални организации и иницијативи ќе учествуваат на конференција за регионална соработка во борба против тероризмот и насилниот екстремизам, што денеска ќе се одржи во Брдо кај Крањ. 

Учесниците на втората Регионална конференција ќе разговараат за актуелните предизвици во областа на тероризмот, за активностите на европско, регионално и национално ниво и за начините за спроведување на веќе постигнатите договори.

Конференцијата во Брдо кај Крањ ја организира Советот за регионална соработка, а домаќин е словенечкото Министерство за надворешни работи.

Во соопштение е наведено дека учесниците ќе разговараат и за соработка и координација на активностите во Југоисточна Европа, како и за активностите и резултатите постигнати по конференцијата одржана во ноември 2016 година во Тирана. 

Учесниците ќе бидат запознати и со студијата од Советот за регионална соработка „Игра на трпение: Проценка и одговор на закани од странски борци кои се враќаат на Западен Балкан“.