Македонија
23. December 2015 - 9:17

Во Скопје вчера 11 сообраќајки, пет лица повредени, санкционирани 25 пешаци по разни основи

Сообраќајната полиција вчера на подрачјето на Град Скопје извршила увид на вкупно 16 сообраќајни незгоди, од кои 11 се со последица материјална штета и четири со последица телесна повреда, во кои со полесни повреди се здобиле еден возач на патничко моторно возило, двајца пешаци и еден патник во автобус.

Се случила и една сообраќајна незгода во 12 часот на улица „Московска“ во која учествувале патничко моторно возило „фолксваген поло“ со тетовски регистарски таблички, управувано од граѓанин на Тетово и пешак, граѓанин на Скопје. Во незгодата со повреди се здобил пешакот кој со возило на Брза помош бил пренесен во Ургентен центар каде му биле констатирани тешки телесни повреди и бил задржан на понатамошно лекување.

Вчера од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 15 возачи коишто не го почитувале ограничувањето на брзината на движење со возилото. Четворица возачи не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, четворица возачи не ги почитувале правилата за првенство на минување на возилата во зона на крстосница, како и тројца возачи кои поминале на црвено светло на семафор. Санкционирани се и 25 пешаци по разни основи.

Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот изминатиот ден од страна на сообраќајната полиција отстранети се 83 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје и денеска продолжува со предавања во средните училишта на подрачјето на градот Скопје на тема „Влијанието на алкохолот, дрогата и други психотропни супстанци врз безбедноста во патниот сообраќај“ на кои ќе присуствуваат учениците од трета и четврта година.

Денеска со почеток во 17 часот во СЦ „Јане Сандански“ во рамки на АБА лигата ќе се одигра меѓународен кошаркарски натпревар помеѓу МЗТ Аеродром и Партизан, Србија. Со цел непречено и безбедно одвивање на оваа спортска манифестација од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување и пренасочување на сообраќајот.