Македонија
18. December 2019 - 21:51

Во штипскиот соборен храм „Свети Никола“ врачени орденот и признанијата по повод патрониот празник на градот

Штип го слави партониот празник Свети Никола. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски по тој повод  вечерва во соборниот храм Свети Никола на свечената академија постхумно го врачи орденот на првиот премиер на независна Македонија, Никола Кљусев и признанието Свети Никола на Стојан Троицки основоположник на фестивалот на забавна музика „Макфест“, потоа на касарната „Јане Сандански“ и на Лилјана Крстевска, која 20 години е претседател на здружението „Порака“ и работи со возрасните лица со интелектуална попреченост.

Орденот Свети Никола го прими Маргарита Неновска ќерка на академик Никола Кљусев, која истакна дека како семејство и фондацијата „Никола Кљусев“ им е особена чест што орденот доаѓа од неговиот роден град.

– Особено претставува чест, што неговото име е Никола, а и патронот на градот е Свети Никола. Но и поради тоа што тој, својот роден град, своето потекло го носеше во срцето и љубовта кон градот не пропушташе да ја истакне до крајот на својот живот. Можеби и уште еден мал факт би било интересно да се истакне, тоа што, заокружувајќи го неговиот 80 годишен живот, одлучи токму во градот Штип да направи една промоција на неговото животно дело. Како да знаеше и само после два до три месеци го напушти овој свет, рече Неновска.

Градоначалникот на Општина Штип, Бочварски забележа дека вечерва орденот Свети Никола постхумно го додели на првиот премиер  Никола Кљусев, кој е еден од творците на независна Македонија.

-Ова за мене како градоначалник на Општина Штип претставува чест, што еве трета година по ред го доделувам на заслужен сограѓанин Никола Кљусев, но и Киро Глигоров, како прв претседател и премиер на независна Македонија, претставуваат значајна алка во осамостојувањето и во државотворноста на нашата држава и нашиот народ и токму заради тоа за мене претставува огромно значење, рече Бочварски.

Признанието „Свети Никола“ вечерва беше врачено и на еден од основоположниците на фестивалот на забавна музика „Макфест“, Стојан Троицки, кој истакна дека по толку години, труд и вложување во еден проект, дојде време какошто рече да се чувтствува прекрасно, задоволен и пријатно. Затоа што локалната власт и штипјани не го заборавиле. Вакви признанија има добивано низ целиот свет, а меѓу кои и  наградата, која ја  има добиено пред дваесеттина години во Киев на Славјански базар, којашто исто така се вика Свети Николај Чудотворец.

-Стојан Троицки не е чудотворец, Троицки веројатно е бил успешен менаџер и организатор, кој работел со огромни тимови и со голем број на луѓе. Така да сам човек нема магично стапче, туку треба да знае да стави во функција одреден број на свои соработници и да и даде потполна креативна слобода за сето тоа што е договорено, навистина да излезе како фин производ или продукт, што се вика „Макфест“, вели Троицки.

Лилјана Крстевска веќе 20 години волонтерски работи со ворасните лица со интелектуална попреченост во здружението „Порака“. Таа изминатите години лобираше да се отвори дневен Центар за возрасните лица со попреченост, којшто официјално ќе се отвори наредната недела.

– Посебно сум благодарна на локалната самоуправа на градоначалникот на Општина Штип, што имавме соработка и постојано неподдржува. Со потпишување на меморандумот меѓу градоначалникот, директорот на основното училиште „Гоце Делчев“, Трајче Димов и со поддршка од републичкиот центар „Порака“ знаевме дека ќе дојдеме до крајот и ќе ја оствариме нашата цел, отварање на дневен центар, рече Крстевска.

Признанието „Свети Никола“ за касарната „Јане Сандански“ го прими потполковник, Стојанче Костов, командант на Вториот пешадиски батаљон.

-Би сакал да истакнам дека Армијата во пресрет на членството на НАТО го доби ова признание и какошто спомена градоначалникот, во наредниот период касарната „Јане Сандански“ ќе биде мапирана на картата на НАТО, како една од касарните, во којашто е сместена единицата Вториот пешадиски батаљон, која е декларирана единица како лесна пешадиска батаљонска група, која во наредниот период ќе се подготвува да достигне одреден степен на готовност, со цел учество во мисии предводени од НАТО, рече Костов.

На свечената академија во соборниот храм „Свети Никола“ присуствуваа и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пратеникот Никола Мицевски, како и претставници и делегации од државни и локални институции. Чествувањето на патрониот празник на градот Штип продолжува и утре, со низа на манифестации.