Македонија
18. April 2016 - 13:03

Во Штип реализирана акцијата „Садница плус“

Во штипските основни училишта и градинки денеска беше спроведена пролетна акција „Садница плус“, дел од „Ден на дрвото“.

На учениците и децата им беше поделен семенски материјал за садење семки од ела за да научат како се садат дрвцата, но и дека треба да се грижат за нив.

Општинското основно училиште „Тошо Арсов“ беше домаќин на акцијата „Садница плус“. Градоначалникот Илчо Захариев истакна дека најмладите жители на Штип четврти пат со акцијата „Садница плус“ испраќаат силна порака до повозрасните.

- Секој граѓанин на Штип мора да се грижи за зеленилото, за парковите, дрворедите, бидејќи можеме да посадиме стотици илијади дрвја, но ако некој ги крши и ги уништува, нема да имаме го она што сакаме, а тоа се големи зелени површини во градот, рече Захариев.

Тој апелира граѓаните да се грижат за новите паркови и дрворедите покрај Брегалница и Отиња, а не да се уништуваат.