Македонија
8. November 2016 - 15:01

Во Штип одбележан Денот на ослободувањето

Штип денеска со повеќе свечености го одбележа Денот на ослободувањето-8 Ноември.

На свечената седница на Советот на општина Штип беа доделени наградите и признанијата на личности и фирми кои дале особен придонес за градот Штип. Наградата 8 Ноември годинава ја доби штипското комунално претпријатие „Исар“ за реализираните проекти и ангажман во изминатите четири години.

Носители на признанијата се службата за Итна медицинска помош, приватната компанија „Семак фешан“ која наскоро ќе ја отвори новата фабрика во Штип, библиотеката „Гоце Делчев“, која одбележува 70 години постоење и дуото „Грациозо“ составено од д-р Невенка Дуковска и м-р Кристина Палија.

- Слободата на Штип е натопена со крв на многу луѓе кои ги дадоа своите животи, од стреланите во Драгоево, Судиќ, Селце и Долани па се до револуционерите кои загинаа во ослободување на овој град. Штип дал многу животи за денешната слобода и таа е испишана со имињата на хероите во нашата револуционерна борба, рече градоначалникот на општнна Штип Илчо Захариев. 

Тој истакна дека по три и пол години како градоначалник е задоволен од она што го остава зад себе.

- Зад мене и мојот тим стојат над 400 реализирани проекти, над 120 асфалтирани улици, комплетна инфраструктура за селата од Лакавичкиот, Плачковичкиот и Овчеполскиот регион, успешно реализирани културни манифестации, обнова на спортски терени и стотина реализирани проекти на јавните претпријатија. Иако изминатите години се соочувавме со многу отпори и сопки, сепак го исполнивме она што го ветивме, нагласи Захариев.

Претседателот на Советот Влатко Миташев укажа на потребата од заедништво во овие, како што рече, пресудни мигови за државата. Нагласи дека Денот на ослободувањето треба да биде патоказ за сите генерации.

Во рамките на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Штип беше отворена и традиционалната изложба на Друштвото на ликовни уметници од Штип.