Свет
15. јуни 2020 - 20:06

Во Шпанија по три месеци пристигнаа првите туристи

Во Шпанија денеска по три месеци првпат пристигнаа туристи, откако Владата дозволи доаѓање на странци на Балеарските Острови во рамките на пробната програма.

Шпанија поради пандемијата со Ковид-19 ги затвори границите за туристите на 14 март, а ќе ги отвори за земјите-членки на шенген зоната на 21 јуни. Додека границата со Португалија ќе биде отворена на 1 јули.

Балеарските Острови – Мајорка, Ибица, Менорка, Форментра и Кабрера,  се во Средоземно Море и се традиционално летувалиште на Германците. На аеродромот на Палма де Малорка денеска слета првиот авион од Дизелдорф со 180 патници.