Македонија
23. February 2017 - 18:09

Во сабота на Попова Шапка отворање на „Снежен град“

Во организација на Детскиот културен центар (ДКЦ) „Карпош“ од Скопје на Попова Шапка четврти ден траат подготовките за 44 - тото издание на манифестацијата „Снежен град“. Во градењето на фигурите учествуваат ученици од повеќе основни училишта од Тетово, Прилеп, Скопје и Виница, а свеченото отворање е закажано за сабота.

- Оваа манифстација е една од најстарите од овој вид во државата, а порано на неа учествувале деца од сите поранешни југословенски републики и навистина тоа е веќе една традиционална манифестација што ние ја одржавме над четири децении, изјави директорката на ДКЦ „Карпош“ Ружа Ѓорѓевска.

Манифестацијата освен забавен има и образовен дел каде покрај претстојот на снегот во остатокот од времето децата имаа повеќе активности како квизови, спортски натпревари и разни работилници.

-Децата преку целиот ден престојуваат на снегот и градат и прават разни фигури од него, но и од други материјали што природата ни ги дарува. Освен забава и дружба ова има за цел децата да ја изразат својата креативност, чуството за одговорност и рекреација, рече Стојан Христов од ДКЦ „Карпош“

Изградбата на снежниот град на Попова Шапка е во тек, а свеченото отворање е закажано за сабота каде дечињата ќе ги претстават снежните фигури пред посетителите.

Од своето основање манифестацијата „Снежен град“ речиси четири децении се одржуваше во Маврово. Од 2014-та година таа е пренесена на Попова Шапка.