Фудбал
29. May 2021 - 10:01

Во продажба билетите за дуелот на македонските фудбалери против Словенија

По пауза од 18 месеци поради пандемијата на коронавирус, фудбалските навивачи се враќаат на Арената „Тодор Проески‘ во Скопје и од денеска можат да купат билет за натпреварот што македонската репрезентација ќе го одигра на почетокот на идната недела против Словенија во рамки на подготовките за Еуро 2020.

Согласно одлуката на македонската Влада, националната арена „Тодор Проески“ за натпреварот во вторник со почеток од 18 часот ќе биде исполнета до 30 отсто од вкупниот капацитет од 33.460 седишта.

Фудбалската федерација на Македонија соопшти дека во продажба ќе бидат пуштени влезници за Јужната, по цена од 300 денари, и за Источната трибина, по цена од 200 денари. Западната трибина на Арената ќе биде резервирана за организирани навивачките групи на македонскиот состав, додека поради здравствените мерки и протоколите на УЕФА за заштита од Ковид-19, Северната трибина ќе биде резервирана само за официјални лица.

Мечот против Словенците ќе биде еден од двата подготвителни за македонскиот состав пред настапот на Еуро2020, и воедно прв што избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе го одиграат пред публика на домашен терен по 18-ет месечна пауза. Последен пат пред воведувањето забрана за навивачи поради пандемијата на коронавирус „црвено-жолтите“ имаа поддршка од трибините на Арената во Скопје во ноември 2019 година и дуелот од евроквалификациите против Израел.