Бизнис
21. November 2019 - 14:53

Во Прилеп зголемен интересот за самовработување и почнување сопствен бизнис

Во Прилеп е зголемен интересот за костиење грант за самовработување и отворање сопствен бизнис, констатираат од центарот за вработување во Прилеп каде денеска се потпишаа 35 договори до вкупно 116 договори годинава за користење на оваа мерка на Агенцијата за вработување.

Според Гордана Младеноска раководител на Центарот за вработување во Прилеп, главно се отвораат сопствени бизниси за занимањата кои се актуелни на пазарот: авто-лимари, кнауф-мајстори, за трговија на мало, а посебно се атрактивни фитнес салоните.

-Денеска во Центарот за вработување во Прилеп се склучија договори за мерката самовработување со грант. Станува збор за неповратни средства во висина од 5 000 евра за започнување сопствен бизнис. Мерката може да ја користат содружници, односно две лица и да добијат вкупно 10 000 евра. Овој проект е дел од владиниот оперативен план за активни програми и мерки за вработување за 2019 година. Годинава аплицираа 161 невработено лице од кои се селектирани 116 лица. Првите 68 договори беа вклучени во септември, а денеска се склучени 35 договори. Има интерес за отворање сопствен бизнис од различни дејности, посебно за плочкари, мајстори за кнауф, за трговија на мало, за автолимари и за отворање фитнес-салони што во последно време е многу атрактивно и веќе имаме три фирми, рече Младеноска.

Според Младеноска, се зголемува интересот за започнување сопствен бизнис, главно поради поволните услови.

-Ако лани склучивме 86 договори, годинава се 116 договори. Интересот се зголемува мислам поради неповратните средства кои не се малку за да се започне сопствен бизнис, а и условите се поволни. Сите отворени бизниси се активни. Освен тоа, секој кој ќе отвори свој бизнис, има право да користи и други мерки што ги нуди Агенцијата за вработување, објаснува Младеноска.

Невработените 35 прилепчани кои решија да отворат свој бизнис и да ја бараат иднината во земјава создавајќи сигурност за себе и за семејството сметаат дека ќе успеат на пазарот.

-Отворив фирма за кнауф и фасади, гипс-мајстор. Се надевам дека ќе имам работа во наредниот период зашто ова занимање многу се бара на пазарот. Условите се поволни со грантот од 5 000 евра и сметам дека овде може да ја градам иднината, а не да одам во странство, вели младиот Мартин Митков кој се надева на успех.

Прилепчанката Елена Илиеска ќе отвори сопствен бутик за финансиски да го стабилизира семејството.

-Добив грант од 5000 евра од АВРМ за да отворам свој бизнис – бутик за женска облека. Со ова сметам дека ќе може активно да работам, да имам повеќе финансиски можности и со бизнис планот мислам дека ќе имам подобра иднина за мене и за моето семејство, изјави Илиеска.

Младеноска од прилепскиот центар за вработување нагласува дека во моментов се активни повеќе мерки на Агенцијата за вработување.

-Активни се мерките: субвенционирање при вработување, практиканство, кое моментално привлекува интерес, потоа мерката за финансиската поддршка за отворање нови работни места, па кредитирањето на правните субјекти, општокорисната и јавните рабопти, обука за стручни квалификации според барањето на работодавецот, обука за познати работодавци и обука за ИТ вештини, набројува Младеноска.

Во Прилеп невработени се 11 592, од кои активни баратели на работа се 7 000. Овие бројки се исти последниве две години.