Македонија
17. December 2017 - 15:10

Во Прилеп се приготвуваат над 60.000 посни сарми за „Свети Никола“

Во манатирот „Свети Димитрија“ во прилепското село Селце, прилепчанките денеска ги приготвуваат традиционалните мали посни сарми за прославата на патрониот празник на градот „Свети Никола“.

Во весела атмосфера, посветено и со добра мисла, велат членките на здруженијата „Мајка Традиција“ и „Преродба“, за прославата на светецот заштитник на Прилеп ќе приготват преку 60.000 посни сарми.

- Малите посни сарми кои секоја година ги виткаме со посветеност и љубов се посебни зашто се приготвуваат за славата на Прилеп, најпозната која и семејно ја прославуваат половина прилепчани, а се вели, другата половина им одат на гости. Посните сарми влегоа и во Гинисовата книга на рекорди. Нема голема тајна, но најбитно е киселата зелка да е добро „сторена“, да има убав ориз, црвен пипер. Се виткаат со големина на лешник и се варат тивко со масло и вода. И мора да речам, никаде нема вакви посни сарми како во Прилеп, објаснува Панда Ризоска од здружението „Мајка традиција“.

Сарми2

Доста Смилева од здружението „Преродба“ вели дека посебноста на малите сарми е поради поводот - се прават за „Свети Никола“, што е голема традиција во Прилеп.

- Посни, мали, вкусни, ги правиме сармичките со љубов и добра мисла. Ми се чини најбитни се посветеноста и убавиот повод, вели Смилева.

Годинашен домаќин на прославата на „Свети Никола“ е компанијата „Салида“ која е задолжена за приготвувањето на посната трпеза која на 19 декември, на „Свети Никола“, ќе биде поставена во центарот на градот. Се е подготвено за прославата, вели Ице Ѓорѓиески, еден од сопствениците на „Салида“.

- Чест ни е што сме домаќини на годинашнава прослава на градската слава „Свети Никола“. За потребите на прославата веќе се набавени сите продукти: околу еден тон кисела зелка, 700 килограми ориз, 700 литри масло, а за трпезата и 700 килограми грав, 500 килограми риба, 800 литри ракија, безалкохолни пијалаци, вино, вели Ѓорѓиески.

Прилепчанките кои денеска ги виткаа посните сарми ги посети градоначалникот Илија Јованоски кој нагласи дека Прилеп останува да ги негува своите традиции.

- Вредните прилепчанки секоја година се покажуваат во одржувањето на традицијата, особено со приготвувањето на посните сарми. Како локална самоуправа напоменувам дека традициите ќе продолжат да се одржуваат, зашто оваа слава им е многу значајна на прилепчани. Оваа традиција значи заедништво, почит кој светецот заштитник, кон граѓаните и почит за целиот град, вели Јованоски.

За Љубица Петреска, претседател на здружението „Мајка традиција„ и за Лилјана Ѓорѓиоска, претседател на здружението „Преродба“ најбитно е што сите се дел од зачувувањето на убавата традиција која им се пренесува на новите генерации.