Спорт плус
25. November 2018 - 17:58

Во Прилеп се одржа првиот полумаратон на кој учествуваa над 200 учесници

Во Прилеп се одржа првиот прилепски полумаратон долг 21км. на кој учество зедоа над 200 натпреварувачи од Македонија и околните балкански држави. Како дел од овој настан се одржа и рекреативна трка на 5 км.  Победник на овој маратон е Игор Јакимовски од Скопје. И покрај малите пропусти маратонот заврши во одлична атмосфера.

„Треба сите да дадеме голем придонес да му помогнеме на организаторот да ги констатираме тие грешки кои што се јавија денес. Кои што се решливи, не е нешто страшно, но за наредната година сите ние треба да придонесеме овој настан да биде на едно ниво повисоко“, истакна Игор Јакимовски, победник на маратонот.

Организатор на маратонот е атлетско рекреативниот клуб „Лотус“ од Прилеп.

„Повеќе од 200 финишери имавме на 21 км. и 5 км. задоволни сме бидејќи таа бројка ја очекуваме и ја најавувавме“, рече Божидар Чаушоски, организатор на маратонот.

Како пикантерија на овој маратон беше тоа што за прв пат на Балканот, а можеби и во Европа, Благоја Мирески од Прилеп истрча 21км. со канго обувки.

„Не можам да кажам дека беше лесно, не беше ниту малку лесно, но жечбата беше многу поголема, нерамнините на патот и дождот малку ја отежнаа целата ситуација. Но во секој случај моето си го направив ии дадов се од себе“, потенцираше Благоја Мирески, учесник на маратонот.

Најстариот учесник имаше 80 години.

„Јас не се занимавам само со атлетика, се занимава со многу спортови, како параглајдинг, спелеологија, планинарење и сега еве трчање“, изјави Миле Герданоски, учесник на маратонот.

Во знак поддршка на лицата со хендикеп маратонот го извози со велосипед Васил Јанкула.

„Планираме за наредната година да возам низ цела Македонија како поддршка на лицата со хендикеп“, вели Васил Јанкула, учесник на маратонот.

Полека но сигурно трчањето стануваат составен дел од здравиот начин на живот на многу граѓани.