Македонија
23. March 2017 - 12:39

Во пожар во делчевско изгоре 40 хектари млада борова сума

Во пожарот кој беснееше вчера попладне во месноста В’ко во атарот на селото Драмче во Делчево, изгореа 40 хектари млада борова шума.

Од Територијалната протипожарна единица Делчево денеска информираат дека пожарот кој бил пријавен вчера по 14 часот бил локализиран по полноќ, а во гаснењето учествувале екипи на ТППЕ Делчево, ЈП Македонски шуми, подружница „Голак“-Делчево и месно население.

- Условите за гаснење на пожарот беа многу тешки. Сувата вегетација и ветерот придонесоа за брзо ширење на пожарот кој со натчовечки напори успеавме да го локализираме и не дозволивме да се прошири до граничната линија со Бугарија, рече Јонче Атанасов, командир на ТППЕ Делчево.

Јордан Димитровски, директор на ЈП Македонски шуми, Подружница Голак, потенцираше дека направени се милионски штети, кои допрва ќе се утврдуваат.

- Поголем дел од дваесетгодишната борова шума е во државен имот, мал дел е во приватен. Но, мора да напоменам дека штетите не се бројат само со изгорената дрвна маса, туку и во многубројните општокорисни функции кои ги дава шумата. Штетата е огромна, овде беше млада борова шума. Затоа апелирам до сите граѓани да внимаваат, кога ги палат стрништата, бидејќи сушниот период оди во прилог за брзо ширење на пожарите, рече Димитровски.

Според првичните информации од надлежните, причината за пожарот е човечки фактор и најверојатно од невнимание, односно пожарот почнал од подножјето на шумата од запалено стрниште и брзо се проширил нагоре по планината зафаќајќи огромни размери на шумска површина.