Македонија
21. December 2016 - 17:12

Во последните седум дена во Куманово 128 заболени од грип

Во Центарот за јавно здравје Куманово во последните седум дена се регистрирани 128 заболени од грип, информираа денеска таа установата.

Од почетокот на сезоната од октомври, досега, евидентирани се 495, а само во декември 359 лица кои се регистрирани како заболени од грип или кои имаат симптоми слични на грип. Во ноември, пак, биле евидентирани 122 лица. Матичните лекари, објаснуваат од Центарот за јавно здравје, редовно ги пријавуваат заболените на неделно ниво.

- Најголем број заболени се лицата на возраст од 15 до 64 години, односно 60 проценти, потоа следи возрасната група од 5 до 14 години и децата до четиригодишна возраст или десет проценти од вкупниот број евидентирани, изјави Јадранка Стаменковска од Центарот за јавно здравје.

На инфективното одделение при Општата болница Куманово од почетокот на сезоната помош побарале 204 лица од кои осумина биле хоспитализирани, но на подрачјето на градот нема лица со потешки компликации освен воспаленија на долните дишни патишта.

- Остануваат препораките за оддржување на лична хигиена, често миење на рацете, проветрување простории, исхрана богата со витамини, адекватно облекување, појасни Стаменковска.

Таа нагласи дека најдобра превенција е вакцинирањето против сезонски грип. Во Куманово, Липково и Старо Нагоричане вакцина против грип примиле 1.400 лица.

Граѓаните кои веќе ги чувствуваат симптомите: кашлица и кивање треба да останат во домашни услови. Освен кивање и кашлање, симптоми на грип се и висока температура, болки во мускулите, малаксаност...