Бизнис
12. December 2020 - 19:35

Во понеделник Комисијата за заразни болести ќе одлучува за можни затворања на угостителите за празниците

Ќе се затворат ли целосно угостителските објекти за време на празниците? Комисијата за заразни болести ќе одлучува во понеделник. Членови од комисијата за Сител велат дека не се исклучува можноста за носење построги мерки за време на престојните празници, пред се во работењето на угостителските објекти. Ако е неопходно велат дека во одредени денови можно е да има целосно затворање за да се спречи групирањето и ширењето на заразата.

Дел од угостителите сметаат дека и да се донесе таква одлука, тоа нема да влијае на нивното работење, затоа што за време на новогодишните празници луѓето се повеќе дома со семејствата, а посетеноста на локалите е опадната.

Велат дека со мерките за превенција со кои се ограничи главно работата на угостителите се покажа дека тие не се виновни за високите бројки. Затоа сметаат дека во следниот период наместо ограничувања, треба да се донесат добри протоколи по кој угостителите ќе може да работат, а надлежните паралелно да ги засилат контролите.

Што и да препорача Комисијата во понеделник предлогот прво ќе биде доставен до кризниот штаб. 

Стопанствениците веќе посочија дека поригорозни мерки би биле погубни за домашната економија која влезе во рецесија. 

Пред извесно време како заштита од ширењето на заразата се донесе одлука угостителските објекти да имаат дозвола да работат до 21 часот. Според угостителите од мерката најголема штета трпат малите локали, поради што дел од нив одлучија цеосно да го затворат бизнисот.