Живот
18. April 2018 - 23:49

Во Њујорк отстранет споменикот на хирургот кој експериментирал со жени

Споменикот на американскиот хирург Џејмс Мерион Симс, кој во 19. век правел експериментални операции без анестезија на афроамерикански робинки, беше отстранет од њујоршкиот Централ парк.

Градските власти на Њујорк одлучија споменикот да се дислоцира на гробиштата во Бруклин, каде Симс е погребан.

Гинекологот Бернадит Расел, која го следеше отстранувањето на споменикот, видно вознемирена наведе дека за Симс учела како за „татко на гинекологијата“, без да го знае фактот дека тој брутално експериментирал со живи жени.

Градоначалникот на Њујорк, демократот Бил де Блазио, пред осум месеци повика на ревизија на „симболите на омраза“, откако по протестот на белите националисти во Шарлотствил загина една учесничка на контра-протестот.

Белите националисти тогаш протестираа поради отстранувањето на споменикот на генералот Роберт Ли од американската Граѓанска војна.