Македонија
26. February 2020 - 8:17

Во Македонија нема заболени од коронавирусот

Во земјава нема заболени од коронавирусот Ковид – 19. Здравствениот систем е подготвен и спремни се сите капацитети на Клиниката за инфективни болести и на трите инфективни одделенија во Штип, Велес и Гостивар. Јавноста да не наседнува на лажни вести и да не се крева паника без потреба, ова се пораките кои изминативе неколку дена ги упатуваат надлежните.
 
Тројцата патници кои допатуваа во нашата држава, двајца од Италија, а еден од Дубаи, немаат коронавирус.
 
Надлежните апелираат патниците кои доаѓаат од критичните региони доколку почувствуваат некои од симптомите, да не шетаат по здравствените установи, туку да се јават на телефонските броеви на Институтот за јавно здравје.
 
Државата го подигна нивото на заштита и превенција од коронавирусот Ковид – 19, особено по неговото ширење во италијанските региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања каде престојуваат околу 23.000 државјани на Македонија. Владата вчера на седница донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни училишта и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, како и да организира едукативни часови за превенција од корона вирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје. На граѓаните на земјата им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на коронавирусот.
 
Владата му наложи на Министерството за здравство итно да набави соодветна количина на заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот, како и соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети.
 
На владината седница беше заклучено Министерството за здравство да формира постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција, Центарот за управување со кризи и Секторот за односи со јавноста во Владата. Овој центар треба да воспостави тесна соработка со медиумите во земјата и ќе има за цел да ги прибира сите релевантни информации и со цел навремено, точно и најсоодветно информирање на јавноста за превенција и заштита на населението од ширење на коронавирусот, како и за постапките и институционалната рамка во делот на лекувањето на последиците од вирусот.
 
Владата донесе заклучок да го ограничи влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир. Се препорачува установите за згрижување на деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките.
 
Надлежните апелираат без итна потреба да не се патува во критичните региони во северна Италија, а патниците кои доаѓаат од таму ќе бидат под засилена здравствена контрола на граничните премини, и по потреба ставени во изолација во медицинска установа. Сите патници кои ќе доаѓаат во земјава од критичните региони во северна Италија, ќе бидат детално инервјуирани, прегледани и по потреба тестирани. Ќе се упатуваат и пропуштаат само на неколку гранични премини – Богородица, Блаце, Деве Баир, Табановце и Ќафасан со цел контролата да биде што поконцентрирана.
 
На граничните премини се одредени посебни простории каде ќе бидат интервјуирани сите патници кои доаѓаат од ризичните дестинации и ќе се врши првичен скрининг на нивната здравствена состојба. На Скопскиот аеродром, со термална камера ќе се следат сите патници кои пристигнуваат, а не како досега само тие од Дубаи и Истанбул. Со бесконтактен пиштол за мерење на телесната температура ќе се прави скрининг на патниците кои ќе пристигнат од ризични дестинации и на аеродромот во Охрид.
 
Доколку се јави потреба, обезбедени се простори за изолација на патници кои треба да бидат мониторирани 14 дена, и во прво време тоа ќе бидат инфективните одделенија во Штип, Велес и Гостивар, кои ќе бидат обезбедувани од полицијата.
 
Формиран е и кризен штаб во Министерството за здравство што ќе ги координира сите активности на надлежните институции. Кризниот штаб секојдневно ќе одржува брифинзи за најновите информации од теренот.