Македонија
11. October 2016 - 13:10

Во Куманово одбележан Денот на народното востание


Куманово со повеќе манифестации го прославува 11 Октовмри - Денот на народното востание.

Претставници на општинското здружение на Сојузот на борците -Куманово, општина Куманово, Кабинетот на претседателот на РМ, Собранието, Владата, АРМ, СВР, институции и установи кои го носат името 11 Октомври, основни и средни училишта и други положија свежо цвеќе на Спомен Костурницата во Куманово.

Обраќајќи се пред присутните на чествувањето градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски истакна дека на денешен ден изминуваат 75 години од денот кога Македонија се крена во борба против фашизмот, најголемото зло на 20-тиот век.

Зборувајќи за значењето на 11 Октомври и за историските настани врзани за овој ден, Дамјановски подвлече дека историски факт е дека осми септември 1991 кога Македонија се конституира како независна и суверена држава не ќе можеше да се случи без АСНОМ, а пак АСНОМ не можеше да се случи без 1941 година.

Дамјановски се осврна и на континуитетот на македонската борба за своја држава, потсетувајќи на Илинденското востание и Крушевската Република. Тој потсети на жртвите на македонскиот народ за положувањето на 800-те животи на кумановските партизани и жртви на фашистичкиот терор.

- Денеска од сите нас, а особено од нашите нови, млади, образовани и современи генерации историјата не бара поднесување на човечки животи за доброто на народот, туку бара друг вид пожртвуваност, патриотизам и достоинство во решавањето на современите предизвици, кои се на патот на демократијата, правното општество и економската перспектива на Република Македонија, држава на рамноправни, правдољубиви и слободни граѓани, а заради побрзо интегрирање со развиениот демократски свет во Европа, рече Дамјановски.

Тој потенцира дека во ова се состои завештанието кое го оставија генерациите од октовмри 1941, мирот, стабилноста, слободата и рамнправоста на граѓаните.

Учесникот во НОБ, 96 - годишниот Љубомир Спасовски се потсети на неговто учество во НОБ и објасни дека најголем број млади по 17-18 години се активирале во борбата и дека учествувал во минерскиот баталјон со кој вршеле диверзантски борби во околината на Куманово.

Претходно на Спомен Костурницата претставници на Социјалистичката Партија на Македонија положија цвеќе. Обраќање имаше претседателот на СПМ, Љубисав Иванов кој се осврна на историското значење на празникот, на градењето на државата, но и на периодот на транзиција и сегашниот период од развојот на Македонија.

- Во Македонија се најдоа синови и ќерки кои рекоа не на фашизмот. Нема земја во светот, нема народ во светот кој подолго се борел од Македонија за своето ослободување, рече Иванов.

Тој зборуваше за изградбата на Македонија по нејзиното ослободување, но и за уништувањето на индустријата во периодот на транзиција од 1994 до 2006.

- Денеска Македонија е нападната однадвор и одвнатре, повторно е доведен во прашање опстанокот на Македонија. Сега треба разум и вештина да се сочува она за кое што гинеа генерации, рече лидерот на СПМ Иванов.