Македонија
26. November 2018 - 14:36

Во Куманово има девет семејства кои згрижуваат деца

Центарот за социјални работи од Куманово и општината денеска организираа трибина во рамки на кампањата „На секое дете му треба семејство“, што ја спроведува Министерството за труд и социјална политика.

Во Куманово има девет семејства кои згрижуваат деца, а целта на кампањата е да се зголеми заинтересираноста на јавноста за згрижување на деца.

Директорката на кумановскиот Центар за социјални работи, Александра Арсовска вели дека ги користат сите расположливи ресурси за да го зголемат бројот на семејства кои ќе згрижат деца. Следниот период, Центарот за социјални работи заедно со Одделението за социјална заштита од Куманово преку ГИЗ ќе организира отворени денови во рурални средини, со што се очекува да се зголеми бројот на  семејствата од овие средини кои ќе згрижуваат деца.

Наџије Исеновска, која досега има згрижено 15 деца, а во моментот се грижи за две деца од по 12 години и едно дете од пет години, вели дека многу е важна топлината што ја нуди домот за овие деца.

Месечниот надоместок што државата го дава за згрижување изнесува 9.876 денари по дете, за деца со попреченост 11.139 денари и за деца до предучилишна возраст 8.559 денари. Едно семејство може да згрижи пет деца. Згрижувачот не смее да биде постар од 65 години, да не му е одземена деловна способност и да е во добра здравствена состојба. Значајно е и да има дом, основни примања и да има поминато обуки за оваа намена.