Македонија
31. August 2018 - 23:16

Во Кривичен сведочења за настаните од 27 април

Со исказ на четворица сведоци на предлог на Обвинителството, во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за настаните од 27-ми април минатата година и насилниот упад во Собранието. На маратонското рочиште кое траеше речиси 12 часа, Дамјан Манчевски, Илија Николовски, Фросина Ташева Ременски и Павле Богоевски ја даваа својата верзија на случувањата од тој ден. Некои од нив повеќе од четири часа одговараа на прашањата од обвинителството и од одбраната и сведочеа за стравот со кој се соочиле.

Рекоа дека на мониторите во Собранието гледале како толпата, според нив, премногу лесно влегува во Собранието. Откако многу брзо стигнале и до прес центарот, гневните луѓе почнале да ги тепаат пратениците со сè што ќе им дојде при рака. Ташева Ременски сведочеше дека по добиениот удар во стомакот, свесно излажала дека е бремена, за да престанат со физичкиот напад.

Министерот Манчевски во своето сведочење рече дека видел лице со оружје, кое било помалку агресивно во однос на останатите, но лицето со црна маица со ознаки на хос, без коса и со брада во тој момент, како што го опиша, било целосно фокусирано кон Заев.

Сведоците одговорија само на неколку прашања од одбраната, бидејќи на приговорите од обвинителката дека се директни и не се однесуваат на нивниот исказ, тие не беа дозволени.

Обвинетите во случајот за настаните од 27 април се теретат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие на претходното рочиште во Кривичниот суд кажаа дека го разбираат обвинението, но дека не се чувствуваат за виновни.

На денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, на кое беа сослушани четворицата сведоци предложени од Обвинителството беа присутни сите 33 обвинети. Следната расправа е закажана за 6-ти септември.