Македонија
8. August 2016 - 11:56

Во Кочани акција за помош на настраданите од поплавите во Скопје и Тетово

Општина Кочани во соработка со Црвениот крст на Република Македонија, општинската организација Кочани и невладината организација „Благородна мисија“ од изутринава организираат хуманитарна собирна акција за помош на настраданото население од поплавите во Скопје и Тетово. Пунктот е поставен на Градскиот плоштад, пред супермаркетот „Тинекс“ каде граѓаните и правните субјекти можат да ја искажат својата солидарност и да донираат.

- Согласно информациите добиени од терен, Црвениот крст на Република Македонија апелира да се донираат следниве артикли: конзервирана и бебешка храна, пелени, вода за пиење, средства за хигиена, средства за дезинфекција. Пунктот ќе биде отворен во периодот од 12 до 16 часот, а ќе продолжи и наредните дена, изјави секретарот на Општинската организација на Црвениот крст од Кочани Анета Коцева.

Таа информира дека заинтересираните правни субјекти и граѓани дополнително можат да се вклучат и со обезбедување парична помош и да донираат на жиро-сметката на Фондот на солидарност 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка.

Граѓаните можат да донираат 100 денари со повик на телефоните: 075/070/077 143-400. 

Пунктови за донација се отворени и во општините Зрновци, Чешиново Облешево и Виница и се наоѓаат пред општинските згради.