Македонија
7. April 2017 - 13:53

Во Кавадарци одбележани 73 години од загинувањето на Димче Мирчев и Киро Крстев

Со положување цвеќе пред споменикот на влезот во градскиот парк во Кавадарци, денеска беа одбележани 73 години од загинувањето на Димче Мирчев и Киро Крстев, во борба  со бугарскиот окупатор во 1944 година. Почит им оддадоа претставници на урбаната заедница „Киро Крстев“, Советот на општината,  Сојузот на борци и други граѓани. Хористи од хорот при Основното училиште „Тошо  Велков Пепето“, ја интерпретираа македонската химна,  а ученици  од истото училиште преку рецитал потсетија на Мирчев и Крстев. 

Историски час одржа Марија Михова, кустос-историчар во Музеј галеријата од Кавадарци. Таа говореше за животните патишта на Димче Мирчев од Велес и Киро Крстев од Кавадарци, состојбата која му претходела на убиството и херојското дело на двајцата млади борци.

- Како искусни борци и партиски раководители добиле  задача во Кавадарци да подготват нови младинци и симпатизери на Народноослободителното движење за излегување во партизанските единици, рече меѓу другото Михова.

Таа потсети дека пред 73 години во куќата на Иге Златев биле одржани неколку состаноци, средби и договори, бидејќи се подготвувало заминување на поголема група младинци во партизани.

- Во екот на тие подготовки, пред се поради големата желба и ентузијазам, попуштила будноста кај младите борци. Бугарскиот фашистички окупатор успеал да ја открие куќата каде престојувале Киро и Димче и во  нерамна борба при обид за нивно бегство од обрачот ги убил, додаде Михова.