Свет
22. July 2020 - 11:40

Во Хонг Конг нови ограничувања поради коронавирусот

Новите мерки воведени за борба против коронавирусот во Хонг Конг ќе стапат на сила денеска на полноќ.

Мерките опфаќаат задолжително носење заштитни маски на сите јавни затворени места, а секој што не ја почитува таа мерка би можел да се соочи со максимална казна од околу 645 американски долари, пренесува Би-Би-Си.

Спортските сали и центрите за забава ќе останат затворени до 28 јули, а дотогаш ќе важи и забраната за работа на рестораните по 18 часот.

Министерката за здравство Софија Кан рече дека ова е најкритично време за Хонг Конг.

-Бараме граѓаните да бидат трпеливи и да останат дома колку е можно повеќе, рече Кан.

 

Во Хонг Конг е забележан раст на бројот на заразени со коронавирус во последните неколку недели. Вчера беа потврдени 61 новозаразени и двајца починати.